Прашања и одговори
Кратки и конкретни одговори на најчестите прашања за купување акции на Македонската берза, провизии, дивиденди, данок и брокери. Содржината е за едукација и не е инвестициски совет.
Како да купам акција?
Може ли сам, без брокер?
Не. Кај нас мора преку брокер. Ти кажуваш што сакаш, тој го извршува на берза. Толку.
Како изгледа тоа за обичен човек?
Бираш брокер. Илирика, Еуро Хаус, Инново, или преку банка — Комерцијална, НЛБ, ТТК, Стопанска. Потпишуваш договор. Уплаќаш пари на сметка кај нив. Даваш налог, лично, по телефон или преку e-trader. Стигнува потврда на мејл. Парите легнуваат за 3 работни дена, тоа е тоа Т+3. Акциите ги чува Депозитарот, не брокерот.
Каде да проверам кој е лиценциран?
На страната на КХВ. Таму е списокот. Ако брокерот те зафркава, таму се жалиш писмено.
Што е тој e-trader?
Програмата на берзата за налози. Работи, ама е стара. Ако си користел IBKR или Trading212, ќе ти делува како од 2010.
Пари и провизии
Колку пари треба за почеток?
Нема цензус. Можеш и една акција да купиш. Една Алкалоид е околу 23.000 денари. На странски апликации можеш и со 10 евра, па и дел од акција. Ама на МСЕ има минимална провизија по трансакција, па ситни суми не се исплатат. Ќе дадеш повеќе на провизија отколку што ќе заработиш.
Колку зема брокерот?
Обично 1,2 до 1,4 отсто од трансакцијата. Ако ти купи тој со негови пари па ти му вратиш, оди и до 3 отсто. Плус ситно за Депозитарот. И купување и продавање се плаќа.
Може ли со картичка?
За МСЕ не. Таму е трансфер на брокерска сметка. За странство да. Visa или Mastercard отворена за интернет плаќања врши работа. На Trading212 првите 2000 долари преку картичка се без провизија, после е 0,7 отсто. Трансфер кон IBKR нашите банки го наплаќаат околу 1800 денари.
Дивиденди
Кои фирми даваат дивиденда?
Истите имиња се вртат со години. Комерцијална, Алкалоид, Телеком, Реплек. Стопанска кога е чиста со приоритетните акции.
Колку даваа последно?
Алкалоид 720 бруто, 648 нето за 2024. Пред тоа 630, па 540. Расте. Телеком околу 27 до 29 денари по акција. Комерцијална скокна од 910 на 1.250 бруто. Реплек од 300 на 400. Алкалоид почна исплата на 14.05.2025, директно на сметка.
Треба ли нешто да пополнувам за да ја земам?
Не. Собранието ќе одлучи, ќе каже пресек датум. Кој има акции на тој ден, добива. Парите сами стигнуваат преку Депозитарот. Само провери дали Депозитарот ја има твојата трансакциска сметка. Ако мислиш дека ти фали некоја стара дивиденда, јави им се ним или на брокерот.
Кога стигнува?
Пролет собрание, лето исплата. Мај до август најчесто. Законски рок е 9 месеци од крај на годината.
Може ли да живеам од дивиденди?
Со принос од 4,5 отсто нето, за 12.000 евра годишно ти требаат околу 267.000 евра вложено. Комерцијална врти меѓу 4,3 и 6,4 отсто по година. Убаво, ама треба капитал.
Данок
На дивиденда?
Да, 10 отсто. Не го плаќаш ти, фирмата го задржува. Тебе ти легнува нето.
Купив евтино, продадов скапо?
Ако продадеш пред да поминат 2 години, плаќаш 10 отсто само на разликата. Купи за 5.000, продади за 7.000, данок 200 денари. Ако чуваш над 2 години, нула. Пријавата е ПДД-Г преку УЈП.
Америка?
Раст на цена не ти таксуваат Американците ако имаш W-8BEN. Пријавуваш само дома. Дивиденда е друго. Ти задржуваат 30 отсто веднаш. Немаме договор за двојно оданочување со САД, па тоа е тоа. Извештајот од брокерот ти е доказ пред УЈП.
Ако сум во минус, пак да пријавувам?
Чувај си евиденција за сè, по курс на НБРМ на денот на трансакцијата. За детали прашај брокер или сметководител, не Reddit.
Дома или странство?
МСЕ или Америка?
МСЕ го знаеш, дивидендите се редовни, ама ликвидноста е мака. Некогаш ќе сакаш да продадеш и нема купец. Странство е обратно. IBKR и Trading212 работат од Македонија без мака. eToro и останатите делумно. Треба пасош, селфи и сметка за струја.
Берзата кај нас работи Пон до Пет, 9 до 14 часот.
Што е МБИ10 фонд?
Фонд што ги следи 10 најликвидни. Нашиот S&P500, само многу помал. Има преку Комерцијална.
Како да купам удел во фонд?
Право во друштвото за управување или преку агент. Парите одат на сметка на фондот, добиваш потврда колку удели имаш.
Стравовите
Дали е ова коцка? Берзата стои во место?
Тоа најчесто го кажуваат тие што не пробале. Има и такви што пробале во 2007 со 100 евра, виделе 1300 за две години, па ги удрила 2008. Лекцијата е проста. Без план луташ. Емоциите те закопуваат. Кој чека, заработува.
Алкалоид сите го сакаат, ама е скап. Тоа е целата мака.
Сакам да бидам брокер?
Полагаш стручен испит, КХВ наплаќа 5.000 денари за советување, па бараш работа во лиценцирана куќа.
Каде да видам што имам на сметка?
Само во Депозитарот, cdhv.mk. Не во КХВ, не на берза.
Каде да читам извештаи?
На СЕИ-НЕТ, seinet.com.mk. Сè што котираните мора да објават, таму е.